22 мај 2014

Церебралната парализа не е болест, тоа е состојба како последица на рано мозочно оштетување на централниот нервен систем поради што се добиваат пречки во моториката (движењата). Во прилог кон тоа е и следното искажување: "Ние не сме болни лица. Ние имаме само физички хендикеп и имаме право да живееме, работиме, спортуваме, рекреираме, водиме љубов и да се радуваме на сите животни радости како и сите други луѓе".
Тимот за церебрална парализа при болницата успеа дијагнозата на децата со церебрална парализа да ја постави на шестмесечна возраст. Тоа е голем успех со кој се гордее тимот.
Раното лекување кај деца со церебрална парализа се врши со неурофизиотерапија по методата на Бобат. Кај деца од предучилишна возраст се употребуваат корекциони потколени гипсени чизми во траење од две до три недели. Со нив успешно го намалуваме спазмот на мускулатурата на долните екстремитети. Се користат и хируршки интервенции: транспозиција на аддукторните мускули (преместување на мускулите што го приближуваат колкот), елонгација на флексорните мускули на колената (издолжување на мускулите што го свиткуваат коленото), продолжување на скратената Ахилова тетива и др.
Добро е што Центарот за церебрална парализа е сместен во ортопедска болница, каде што децата можат да се третираат амбулантно, а по потреба да се хоспитализираат и да се извршат потребните хируршки интервенции.
Голем дел од лекуваните деца покажуваат дека програмата за церебралната парализа е оправдана. Родителите се задоволни од лекувањето на нивните деца и од постигнатите резултати во Центарот за церебрална парализа при Болницата.
Ефектите од употребата на современите методи (Бобат) при лекувањето на децата со рано мозочно оштетување се:

•  рано откривање и рано започнување на лекувањето. Тимската работа овозможи раното лекување да се започне осумпати порано (од 48 месеци на 6 месеци), а современата наука кажува дека, ако лекувањето се започне после 12 месеци, инвалидноста кај децата е огромна и безнадежна;
•  рационализација на здравствената заштита. Раното откривање овозможува
минимално трошење на средства определени за здравствена заштита. Само еден случај, ако не се открие во првите 12 месеци, ќе биде скоро цел живот пациент и ќе се трошат огромни средства;
•  ефикасното лекување се постигна со едукација на кадрите од тимот, а со отворање на најсовременото одделение се создадоа идеални услови за работа
(простории за вежбање по Бобат, простории за работна терапија и идеални услови во едно и двокреветни соби за едукација на родителите).
Ваквиот успех се постигна со успешната соработка со: Педијатриската, Невропсихијатриската и Ортопедската клиника во Скопје, со Универзитетскиот клинички центар од Љубљана, и со соработката со Оксворд (Новлес Џонс), Реј Џонсон од Лондон и со претседателот проф. д-р Ари Клапвајк од Холандија.

Copyrights ©2017: Дизајнирано од Ентер Доо, Охрид